Баерн има чудо од тренер што ги руши рекордите на Гвардиола

Баерн Минхен синоќа го победиј Ајнтрахт Франкфурт со 2:1 и се пласираше во финалето на Купот на Германија. За Баерн ова ќе биде рекордно 24-то финале во Купот, а ќе го брка јубилејниот 20-ти трофеј. Освен пехарот во Купот, баварскиот гигант е на чекор од одбрана и на тронот во Бундеслигата, па доколку бидат освоени двата трофеи, ќе биде повторување на ланската година.

Тоа што е интересно е дека Баерн сезонава не ја започна како што посакува. Заостануваше во првенството, а тимот не играше на посакуваното ниво. Затоа тренерот Нико Ковач доби отказ, а на негово место беше поставен Ханс-Дитер Флик. Тој е тренер од младинските категории на клубот и првично се најави дека е привремено решение. Сепак, Флик успеа да направи Баерн да игра во препознатлив стил и да ги „гази“ противниците, па затоа и остана на чело на клупата.

Со синоќешниот триумф над Ајнтрахт, Флик стигна до 24-тата победа во првите 27 меча како тренер на Баерн, оставајќи го зад себе досегашниот рекорд на Пеп Гвардиола, кој имаше 22 победи во овој период. Баерн сезонава даде 129 погодоци во 43 меча во сите натпреварувања и го израмни рекордот од 1972/73.

Следниот рекорд кој го брка Флик со Баерн е тој на Јуп Хејнкес, а се работи за бројот на победи по ред. Во сезоната 2017/18 со Хејнкес на чело баварскиот гигант имаше 14 триумфи во низа, а сега Флик го предводи Баерн до 12 победи едноподруго, што значи дека му требаат уште два успеси за израмнување и на ова постигнување.

Најтрофејниот германски клуб има 20 средби без пораз (19 победи и едно реми), а подобра низа имало само во сезоната 2013/14, кога тренер бил Гвардиола. Со Шпанецот на чело, Баерн наредил 24 средби без пораз, што значи дека ако Баерн не загуби во следните три дуели, Флик ќе го стигне и овој рекорд на Гвардиола.

Едноставно, Баерн сезонава е машина за голови и победи, а со тоа и за нови трофеи во витрините на „Алијанц арената“. Следниот меч Баерн го игра на свој терен во Минхен против Борусија Менхенгладбах во рамките од 31-вото коло на Бундеслигата.

 

- Оглас -

Најнови вести