Медиумите на Апенинскиот Полуостров тврдат дека Јувентус е многу поблиску до разделба со српскиот напаѓач Душан Влаховиќ отколку до негово останување во клубот. Неговиот договор истекува на 30 јуни, а преговорите за продолжување повторно се во застој. Во таква ситуација, неговата иднина може да добие сосема нов правец поради интерес од еден европски гигант.
Влаховиќ и понатаму е во фокусот на повеќе големи клубови низ Европа. Напаѓачот, кој оваа сезона има шест погодоци и две асистенции на 19 официјални натпревари (888 минути игра), се наоѓа на листата на желби на Баерн Минхен за следната сезона.
Германскиот клуб бара сигурно засилување во нападот како поддршка на Хари Кејн. Иако англискиот напаѓач е неприкосновен прв избор, раководството сака играч што ќе може да прифати ротација и да носи голови и од клупата.
Оваа стратегија доаѓа по информациите дека Николас Џексон нема да остане во клубот по завршувањето на позајмицата, што го принудува Баерн навреме да реагира за да ја задржи длабочината во офанзивата.

