Македонија има светски прваци во ракомет !

Македонија е нов планетарен првак во машка конкуренција откако во финалето на Светското ракометно првенство за училиштен спорт го победи Израел со 38:32. Во финалето кое се играше во „Јане Сандански“, македонските надежи го комплетираа перфектниот биланс на овој турнир и на крајот го освоија златото.

Израел водеше само на почетокот, и тоа со 1:0 и 2:1. Потоа следуваше серија од три погодоци на Македонија за предност од 4:2. Во продолжение, нашите ракометари ја чуваа позитивата, а во 13-тата минута првпат имаа три гола позитива, и тоа 8:5. Во 20-тата минута водството беше удвоено, па за првпат Македонија беше на шест позитива, односно 14:8. Таа разлика остана до крајот на првото полувреме, кога на пауза се замина со резулат 20:14.

Во второто полувреме Израелците покажаа дека не случајно се во финалето. Започнаа цврсто во одбраната и сигурно во нападот, па во 41-вата минута негативата ја „стопија“ само на два гола, кога беше 27:25. Македонија врати со серија од три брзи гола кога противникот се реши да игра „со празна мрежа“ во нападот за 30:25.

Во последните 10 минути Македонија повторно влезе со шест гола позитива (33:27), но Израелците не се предадоа. Со три погодоци во серија намалија на 33:30 на пет минути до крајот. Сепак, нашите кадети не дозволија да се случи изненадување и на крајот со перфектен биланс од шест победи во шест меча, заслужено се новите светски ракометни прваци во училиштен спорт.

- Оглас -

Најнови вести