Англискиот весник „Мирор“ објави текст во кој го нападна тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, пред утрешниот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите со Арсенал.
Тие го насловуваат својот напис: „Симеоне, болка во задникот“ и нагласуваат дека Арсенал се плаши од валканите трикови на Аргентинецот.
Менаџерот на Топчиите, Микел Артета, предупреден е дека Атлетико го претворил својот стадион „Ванда Метрополитано“ во тврдина, користејќи не само спортски средства, туку и лукавство со теренот. Има повисока трева, што им пречи на противниците на Јорганџиите.
И Тотенхем се пожалил дека тревата на теренот била превисока пред осминафиналниот натпревар во март. Ова предизвикало играчите да се лизгаат на влажната подлога. Исто така и тренерот на Барселона, Ханси Флик, се жалеше дека тревата е превисока пред нивниот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Теренот доведе до грешка на голманот Жоан Гарсија при првиот гол на Атлетико во првиот натпревар од Купот на Кралот, кој мадриѓаните го добија со 4-0.
Стандардот на УЕФА бара висината на тревникот да не надминува 3 сантиметри (30 милиметри) и мора да биде иста низ целиот терен. Според член 34.04 од Правилникот на УЕФА, доколку судијата или делегатот на УЕФА сметаат дека е потребно, домашниот клуб може да биде обврзан да ја намали висината на тревата за натпреварот и официјалниот тренинг.
Се спомнува и наводнувањето на теренот. Наводнувањето треба да се врши рамномерно, а не само во одредени области од теренот. Како општо правило, наводнувањето треба да се заврши 60 минути пред почетокот на натпреварот. Сепак, по дискреционо право на локалниот клуб, наводнувањето може да се направи подоцна, па нема да биде чудно ако Атлетико го направи тоа, велат Англичаните.

