Како што се доближува крајот на фудбалската сезона, така се зголемуваат шпекулациите околу тоа кој ќе биде новиот тренер на Реал Мадрид во следната сезона. Кралскиот клуб игра сезона за заборав и најверојатно ќе ја заврши без да освои ниту еден трофеј.
Чаби Алонсо започна како тренер на клупата на Реал, но само по неколку месеци доби отказ поради слабите резултати, но и поради бунтот кој го направија дел од ѕвездите во екипата. Како наследник на Алонсо беше промовиран Алваро Арбелоа. И со Арбелоа на чело, Реал немаше ништо подобри резултати, па сега заостануваат дури 11 бодови во однос на Барселона, во трката за трофејот во домашното првенство.
Сè поголем број на реномирани светски медиуми најавуваат дека претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, веќе има идеја за нов тренер во следната сезона, а тоа е Жозе Мурињо. Португалскиот стратег го предводеше Реал Мадрид во периодот од 2010 до 2013 година, кога освои титули во домашното првенство, Купот на Шпанија и Суперкупот на земјата.
Сепак, постои проблем, а тоа е дека Мурињо има договор со Бенфика, каде што моментално е тренер. Тоа значи дека Перес мора да најде начин како да го „извлече“ Мурињо од Лисабон. Проблем е и тоа што не владее единствно околу тоа дали Мурињо е вистинското решение и дел од раководството на Кралевите се против оваа идеја на Перес.
До крајот на оваа сезона има помалку од еден месец, а потоа следува летна пауза, во која Реал Мадрид ќе мора да го најде вистинското решение за да се вратат трофеите во витрините на „Сантијаго Бернабеу“.

