Баерн во финишот го скрши Реал, Арсенал не победи дома, ама оди во полуфинале (Видео)

Баерн Минхен се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите откако вечерва го совлада Реал Мадрид со 4-3 и со вкупни 6-4 обезбеди пласман понатаму.

Ова беше еден од најлудите натпревари во последните сезони, Реал трипати водеше, но на крајот црвен картон заработи Едуардо Камавинга, а Баерн преку Луис Дијас и Мајкл Олисе стигна до победа и место во следната рунда.

Баерн така закажа нов спектакл против Пари Сен Жермен, додека во другото полуфинале ќе се сретнат Атлетико Мадрид и Арсенал, откако англискиот тим со реми без голови ја задржа предноста (0-1) од Лисабон.

Реал Мадрид настапи многу офанзивно од старт, со пет офанзивни играчи, Џуд Белингам, Брахим Дијас, Арда Ѓулер, Винисиус јуниор и Килијан Мбапе, што на крајот им донесе резултат, иако Венсан Компани постави најсилен можен состав.

Веќе во 33. секунда следуваше шок – Мануел Нојер направи грешка и му подари топка на Арда Ѓулер, кој од околу 40 метри погоди празна мрежа за 0-1.

Но, Андриј Лунин исто така имаше лош момент, по корнер на Кимих, што го искористи Александар Павловиќ за 1-1.

Потоа Ѓулер повторно блесна со слободен удар и донесе 1-2 за Реал, но Хари Кејн брзо израмни на 2-2.

Во финишот на првиот дел, по асистенција од Винисиус јуниор, Килијан Мбапе погоди за 2-3.

Во продолжението Баерн притискаше, Мајкл Олисе и Дајо Упамекано имаа шанси, а Андриј Лунин повторно бранеше сигурно.

Во 86-та минута Едуардо Камавинга доби втор жолт картон и беше исклучен, а Баерн тоа го искористи во 89-та минута кога Луис Дијас погоди за 3-3.

Во самиот финиш Мајкл Олисе со прекрасен удар го постави конечниот резултат 4-3 и го однесе Баерн во полуфиналето.

Арсенал во реваншот од четвртфиналето на „Емирати“ одигра 0-0 против Спортинг Лисабон, но поради победата во првиот натпревар одигран во Лисабон (0-1), се пласираше меѓу четирите најдобри екипи во Европа.

Најдобрата шанса во првото полувреме ја имаше Спортинг. Во 43-та минута левиот бек Максимилијано Араухо нафрли, а Жени Катамо упати волеј-удар кој заврши во стативата.

Во второто полувреме Арсенал влезе поофанзивно, со пресинг, а тоа донесе шанси за Габриел Мартинели и за Нони Мадуеке, но без реална опасност за противникот.

Проблем за Микел Артета се појави по еден час игра, кога Мадуеке по еден удар не можеше да продолжи, па место него влезе младиот Макс Дауман.

Гостите бараа пенал во 65-тата минута кога по удар на Катамо топката се одби, а Матеус Рейс беше оттурнат од дефанзивецот Рикардо Москеира, но судијата не покажа на белата точка.

На седум минути пред крајот Арсенал ја имаше најголемата шанса, по корнер на Дауман, Леандро Тросар со глава ја погоди стативата.

Во последните моменти од натпреварот Даниел Симоес можеше да донесе шок на „Емирати“ и продолженија, но неговиот удар од далечина заврши за малку непрецизно.

- Оглас -

Најнови вести