Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин утре (четврток, 16 април) треба да пристигне во Македонија, односно во Скопје. Оваа информанија официјално не е потврдена на сајтот на Фудбалската федерација на Македонија, но речиси е сигурно дека Чеферин утре ќе биде гостин во Куќата на фудбалот при ФФМ.
За Чеферин ова ќе биде втора посета на Македонија. Тој прв пат го посети Скопје и ФФМ во февруари 2018 година, односно една и пол година откако на 14 септември беше назначен за прв човек на УЕФА. Словенецот е првиот претседател на УЕФА од земја од поранешна Југославија.
Засега не е јавно познато која е целта на оваа посета на Чеферин во Скопје, но секако дека Словенецот ќе биде запознаен со новитетите кои во изминатиов период се случија во македонскиот фудбал, а секако најзначаен е пуштањето во употреба на ВАР системот, каде Македонија каскаше во однос на соседите. Сепак со доаѓањето на новото раководство на ФФМ, веднаш беа направени напори и воведен ВАР системот (Видео асистент судија).
Македонското првенство е едно од поинтересните во Европа и може да биде едно од ретките во кои шампионот ќе се дознае во последното коло и тоа во директен дуел меѓу засега водечките Вардар и Шкендија.

