Барселона се пласира во четвртфиналето на Купот на Шпанија откако со 2:0 победи на гостувањето кај Расинг Сантандер. Каталонскиот гигант беше фаворит, но потешко од очекувањата, со два гола во последниот квартал од мечот го скрши отпорот на тимот кој е лидер во Сегунда дивисион. Феран Торес погоди за 1:0 во 66-тата минута, а во последните моменти од мечот, односно во 90+5 минута, триумфот го потврди Ламин Јамал.
За Барселона ова беше 11-та победа по ред во сите натпреварувања, со што е израмнета втората најдобра серија победи во клупската историја. Единаесет победи по ред Барселона имала четирипати, и тоа во 1927 година, 1956, 2008 и последен пат во 2015 година.
Сепак, далеку е оваа низа од стигнување на апсолутниот рекорд. Во периодот од 2005 и 2006 година, Барселона тогаш предводена од тренерот Франк Рајкард нареди 18 победи по ред во сите натпреварувања, што значи дека сегашниот тим предводен од Ханси Флик има уште многу предизвици за да го стигне најдоброто постигнување.

