Немаат пари, ама имаат страшна перспектива – Барселона ќе има двајца тинејџери со клаузули од по милијарда евра, наскоро ќе има и трет

Барселона се обидува да ги зачува двајцата фудбалски бисери и сè уште тинејџери, Ансу Фати и Педри, и според информациите на шпанските медиуми, 18-годишните играчи ќе ги продолжат договорите и ќе имаат клаузула со отштета од по една милијарди евра ако сакаат да си заминат предвреме.

Педри веќе има понуда да потпише договор што ќе важи до 2026 година, а веќе е подготвен и нов договор и за Фати, кој би требало да стави потпис што ќе важи до 2027 година.

И двајцата се изјаснија дека сакаат да останат во Барселона, што е голем поттик за клубот кој има огромни долгови. Фати неодамна се врати на фудбалските терени по тројната операција на коленото и паузата од една година и игра одлично.

Педри беше вистински хит на Европското првенство, кога играше стандардно за Шпанија, па и двајцата 18-годишни играчи се вистинско богатство на Барселона во долгорочниот план за враќање на сјајот на шпанскиот гигант по заминувањето на нивната фудбалска икона Лионел Меси.

Наскоро со сличен план Барселона ќе се обиде да го „врзе“ подолгорочно во своите редови и екстра талентираниот Гави, кој има само 17 години и е еден од најмладите фудбалери што играл за клубот и најмлад во историјата на шпанската репрезентација.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести