Барселона не може да игра ЛШ на „Монжуик“? Опција е и преселба во Валенсија или во Мадрид

Барселона е во неизвесност каде ќе ги игра своите натпревари во вториот дел од сезоната. Станува јасно дека до крајот на сезонава нема да се врати на „Камп ноу“, кој се реновира и се доцни со работите кои требаше да завршат до ноември, а сега Каталонците имаат нов проблем.

Барса нема да може да ги игра домашните натпревари од Лигата на шампионите на „Монжуик“ поради обврските што Градскиот совет ги има со стадионот и се бара алтернатива.

Според правилата на УЕФА, клубовите мора да ги играат сите натпревари на ист стадион до крајот на натпреварувањето.

Има три опции за каталонскиот клуб: „Корнелја-Ел Прат“ стадионот на градскиот ривал Еспањол, „Месталја“ во Валенсија или „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.

Доколку Барса не влезе меѓу осумте најдобри и мора да игра во плејофот од Лигата на шампионите, ќе треба да го избере својот стадион пред ждрепката која ќе се одржи на 31 јануари. Ако Барса заврши меѓу осумте најдобри, што е сосема реална опција со оглед на тоа што е втора на табелата на две кола до крајот, ќе има малку повеќе време и стадионот на којшто ќе игра мора да го одреди пред 21 февруари.

Минимална, но уште постои опцијата да падне договор со градскиот совет за продолжување на рокот за играње на олимпискиот стадион „Монжуик“.

- Оглас -

Најнови вести