Три меча од Прва фудбалска лига на Македонија се играат попладнево, а интересно е тоа дека ова е првата шанса на Вардар да ја освои титулата. На три меча до крајот на првенството, најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија има шест бодови повеќе од Шкендија, а денеска на арената „Тодор Проески“ игра против Силекс.
Покрај дуелот во Скопје, денеска ќе играат и Шкендија против Струга ТЛ и Пелистер против Шкупи.
ВАРДАР НЕМА ПРИМЕНО ГОЛ 470 МИНУТИ
Како може Вардар да се радува на титулата денеска? Доколку Вардар го победи Силекс, а Шкендија не ги освои трите бода во Тетово против Струга ТЛ, или ако Вардар одигра нерешено против Силекс, а Шкендија загуби од Струга ТЛ.
Вардар игра одлично и има четири победи и едно реми, а во тие пет дуели Црвено-црните немаат примено ниту еден гол. На шест од последните седум меѓусебни дуели на овие два ривали, немало повеќе од два гола. Во тие седум меча Вардар има три победи, Силекс се радувал два пати, а два пати било нерешено.
ШКЕНДИЈА САМО ЕДНАШ ЈА ПОБЕДИ СТРУГА ТЛ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 10 МЕЧА
Шкендија во Тетово секогаш атакува на победа, но треба да се потенцира дека Струга ТЛ е еден од нивните најтешки ривали. Ако се погледнат резултатите од последните 10 меѓусебни дуели, Шкендија има само една победа над овој ривал. Во овој период Струга има четири победи, а дури пет пати било нерешено. Најчест резултат, дури четири пати беше 1:1.
ПЕЛИСТЕР ЌЕ ОСВОИ ТРИ БОДА ЗА ЧЕКОР ПОНАПРЕД ЗА СПАС
Во Битола, Пелистер го пречекува аутсајдерот Шкупи, кој во 30 меча сезонава претрпе 29 порази и има само едно реми. Јасно е дека Пелистер треба да ги освои трите бодови, со кои битолчани ќе направат уште еден чекор напред да се спасат од испаѓање.

