Шпанскиот шампион Барселона официјално објави дека билетите за домашниот натпревар против Ајнтрахт Франкфурт на 9 декември во рамките од Лигата на шампионите ќе бидат исклучиво за навивачите кои имаат членски карти.
Каталонците објаснија дека „оваа одлука е донесена за да се гарантира безбедноста на навивачите на Барса и во исто време да се спречи повторување на инцидентот од април 2022 година, кога голем дел од публиката на „Камп ноу“ не беше од домашниот тим“.
Пред три и пол години, Барслеона во реваншот од четвртфиналето на Лигата на Европа играше против Ајнтрахт Франкфурт, а на трибините на „Камп ноу“ имаше неверојатни 26.000 гостински навивачи, па изгледаше како каталонскиот гигант да игра на гости во Германија.
Со оваа мерка Барселона „им дава апсолутен приоритет на своите членови, фундаментален столб на клубот ѝ гарантира дека стадионот ќе стане место за прослава и поддршка исклучиво за навивачите на Барса“.
Од клубот потенцираа дека е отворена продажбата на билети за членовите и само оние кои можат да го докажат своето членство ќе можат да купат билети за овој натпревар. „Оваа мерка ја зајакнува посветеноста на клубот за наградување на лојалноста на нашите членови и спречување на препродажба и измами, така што билетите ќе стигнат до навивачите на Барса“, додаде клубот.

