Раководството на англискиот второлигаш ВБА планира да поднесе жалба до ФИФА против Барселона за трансферот на 16-годишниот тинејџер Луи Бери. Mладиот англиски талент уште во јули се пресели во Шпанија, каде што моментално тренира со тимот на Каталонците до 17 години, а Барселона иако се договори да исплати само 235.000 фунти за неговите услуги, ВБА тврди дека трансакцијата не е извршена.
Второлигашот трпеливо чекаше да се затвори преодниот рок за да ги добие предвидените средства, но како што известуваат англиските медиуми, на нивното трпение му дојде крајот, па затоа ќе побара помош од Светската фудбалска куќа за да се реши ова недоразбирање.
ВБА инаку планира да поднесе жалба и против Хетафе околу ангажманот на бекот Алан Ниом. Камерунецот летово пристигна во Хетафе на едногодишна позајмица, по што била договорена одредена сума за привремениот ангажман, но ВБА нема видено ниту цент од парите.