Барселона победи на теренот на екипата која осум меча немаше примено ниеден гол во Шпанија (Видео)

Барселона со 2:0 славеше на гостувањето кај Севилја, постигнувајќи по еден погодок во двете полувремиња. Со оваа победа Барселона стигна до 53 бода и е пред Реал Мадрид кој има 52 бода, но и меч плус за играње. Лидерот Атлетико Мадрид има 55 бода и два меча помалку од каталонскиот гигант.

Дембеле со погодок во 29 минута ја најави победата на Барселона, а со тоа ја сруши и одличната одбрана на Севилја, која дури осум меча во Шпанија немаше примено ниту еден погодок. Пред само две недели Севилја со 2:0 ја победи Барселона во полуфиналето на Купот, но Каталонците сега се реваншираа со ист аршин.

Во второто полувреме домаќините се обидуваа да израмнат, но Барселона беше подобар тим. Сите дилеми околу победникот беа решени во 85 минута кога погоди Лионел Меси за 2:0. За Меси ова беше јубилеен 30-ти погодок во дуелите со Севилја.

Со гол и асистенција Меси е прогласен за играч на мечот, но факт е дека Аргентинецот треба да биде среќен што во првото полувреме не беше исклучен.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести