Барселона слави, вечерва химната на Лигата на шампионите ќе се врати на „Камп ноу“ по пауза од над три години.
Стадионот, кој е гордост и вистински дом на Барса, последен пат беше домаќин на натпревар во најсилното клупско натпреварување во Европа на 26 октомври 2022 година, кога во петтото коло од групната фаза Барселона на тренерот Чави се соочи со Баерн Минхен.
Баварците победија со 3-0. Тој пораз сигурно го паметат Левандовски, Педри, Де Јонг, Балде, Тер Штеген, Кунде, кои и сега се во редовите на шпанскиот првак.
А, вечерва на „Камп ,оу“ пак гостува германски тим, но, за среќа на Барса, не е Баерн туку Ајнтрахт.
Ајнтрахт по вторпат гостува на најголемиот стадион во Европа, првиот пат беше на 14 април 2022 година, кога триумфира со 3-2, елиминирајќи го тимот на Чави од Лигата на Европа по нерешениот резултат 1-1 во првиот натпревар. Тој меч се памети по присуството дури на 30.000 германски навивачи кои ги исполнија трибините и го обоија стадионот во бело.
За да го спречи ова, Барса за вечерва одлучи дека само членовите можат да купуваат билети за овој натпревар, кој се смета за високоризичен, а Ајнтрахт ќе има пристап само до пет проценти од капацитетот на стадионот, како што е пропишано од УЕФА.
Клубот презема мерки против продажбата на билети и веќе идентификуваше повеќе од 350 членови кои имаат право да ги префрлат своите билети, а кои можеби ги препродале своите места на германски навивачи. Доколку се потврди тоа, тие би можеле да бидат исклучени. Каталонскиот клуб, исто така, се плаши и од тоа дека во близина на стадионот може да присуствуваат многу германски навивачи без билети.

