Барселона – ПСЖ е повеќе од меч, тоа ќе биде битка за Лионел Меси

Барселона и Пари Сен Жермен вечерва на празниот „Камп ноу“ го играат првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Според многумина аналитичари, ова нема да биде битка само за тоа кој клуб ќе се пласира меѓу осумте најдобри во Европа, туку ќе биде битка и за тоа каде во следната сезона ќе игра Лионел Меси.

И катарските газди на ПСЖ, но и сите кандидати за иден претседател на Барселона се свесни дека пласманот во четвртфиналето ќе им донесе и пол-позиција во преговорите за потписот на Меси. Актуелниот договор на Меси со Барселона е до крајот на сезонава, а францускиот првак е прв фаворит за негов нов клуб.

ПСЖ минатата сезона играше во финалето на ЛШ, но загуби од Баерн Минхен со 1:0. Доколку Светците сега киксираат, тоа ќе биде доволен знак за Меси дека францускиот клуб нема толку моќен состав за големи дострели. Доколку Барселона победи, тоа ќе биде знак за Меси дека во клубот во кој ја поминува целата своја досегашна кариера, уште има моќ за европски трофеи.

ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ БЕШЕ АНТАЛОГИСКИ

Речиси четири години поминаа од последниот дуел на Барселона и ПСЖ, и тоа на „Камп ноу“. Во март 2017 година, во анталогиски меч, каталонскиот гигант славеше со 6:1 и на тој начин ја анулираше негативата од 4:0 по првиот дуел во осминафиналето.

Во изминативе 26 години овие екипи играле вкупно 11 пати, а Барселона има четири победи, ПСЖ се радувал три пати, а четири пати било нерешено.

ГОСТИТЕ СЕ БЕЗ НЕЈМАР И ДИ МАРИЈА

Двата тима нема да бидат во најсилните состави. Кај домаќините фалат Кутињо, Фати, Роберто, додека ПСЖ ќе биде без Нејмар, Ди Марија, Бернат и Пембеле.

Според најавите, Барселона во стартниот тим би можела да излезе во формација 4-3-3, и тоа: Тер Штеген, Дест, Умтити, Ленгле, Алба, Бускетс, Де Јонг, Педри, Дембеле, Меси, Гриезман.

Во стартниот тим на ПСЖ треба да бидат во формација 4-2-3-1, и тоа: Навас, Флоренци, Маркињос, Кимпембе, Курзава, Гуеј, Паредес, Кин, Дракслер, Мбапе и Икарди.

Тренерот на Барселона, Роналд Куман, е задоволен од моментната форма на неговиот тим и потенцира дека средбата против ПСЖ доаѓа речиси во најдобриот можен момент за каталонскиот гигант. Оптимизам владее и кај стратегот на гостите Маурисио Покетино, па останува вечерва на „Камп ноу“ да видиме како ќе се одвиваат работите по првите 90 минути во дербито од осминафиналето на ЛШ.

 

- Оглас -

Најнови вести