Најтрофејниот европски тренер, Жељко Обрадовиќ, по неславната разделба со Партизан, можно е кариерата да ја продолжи во Барселона.
Според каталонски новинари, популарниот Жоц е блиску до потпишување за Барса и пак да биде дел од шпанската кошарка, каде што остави неизбришлив белег. Обрадовиќ веќе го забрзал процесот на одлучување кого ќе предводи во следната сезона, а Барселона има понуда до него.
Иако се чинеше дека може да се врати во Панатинаикос, заминувањето на Чави Пасквал во Дубаи ги принуди челниците на Барселона да го ублажат гневот на навивачите со доведување на човекот кој има девет европски титули.
Евролигата наводно ќе бара драстично поголеми инвестиции од клубовите, што може да се види во примерот на новиот шампион Олимпијакос, кој се согласи на доаѓањето на Монтеро и Милер-МекИнтајр само еден ден по крунисувањето.
Како можни опции во Барса се спомнуваат имињата и на Ибон Наваро, сегашен тренер на Уникаха, и Василис Спанулис, екстренер на Монако. Но, сега се појави нова, сосема неочекувана опција и тоа не кој било, туку 66-годишниот Жељко Обрадовиќ, кој ја освојуваше Евролигата со Партизан, Хувентуд, Реал Мадрид, Панатинаикос (пет пати) и Фенербахче, па можеби предизвик му е тоа да го постигне и со Барселона.

