Барселона традиционално пред почетокот на сезоната, на свој терен игра меч во „Жоан Гаспарт купот“, кога го промовира тимот со кој ќе атакува на предизвиците кои следуваат. Синоќа каталонскиот гигант пред домашните навивачи играше против Монако и беше понижен. Францускиот тим победи убедливо со 3:0 и сите три погодоци беа постигнати во второто полувреме.
Во последните 43 години ова е најтежок пораз за Барселона во „Жоан Гаспарт купот“, во меч на кој не постигнале гол. Во 1981 година Барселона во „Жоан Гаспарт купот“ загуби со 0:4 од Келн. Нокаутот од Монако со 0:3 е уште потежок ако се знае дека ова беше прв меч на свој терен за новиот тренер Ханси Флик.

Германскиот стратег беше разочаран од тоа како одиграа неговите избраници, посебно ако се знае дека претходно во подготвителниот период го победија Реал Мадрид со 2:1, потоа Манчестер сити на пенали откако беше 2:2, а со 2:2 заврши и пресметката против Милан, а потоа на пенали Росонерите победија.
„Добро започнавме и имавме шанси први да постигнеме гол. Сепак, не погодивме, а потоа бевме непрецизни во додавањата, немавме доволно брзина. Едноставно, ја немавме самодовербата која нѐ красеше на претходните дуели. Монако играше одлично и ги искористи нашите грешки“, рече Флик по убедливиот пораз.
Барселона сега се подготовува за мечот против Валенсија на гости во рамките од првото коло од Примера дивисион, а Флик вети дека неговите избраници ќе бидат во сосема поинаква форма од дуелот против Монако.
0 – #Barcelona 🔵🔴 have lost a Joan Gamper trophy final by a margin of at least three goals and without scoring for the first time since 1981 (0-4 vs Cologne). Hell. pic.twitter.com/nOgPreXB6w
— OptaJose (@OptaJose) August 12, 2024
„Знаеме колку сме способни и како можеме да одиграме. Тоа го покажавме и на турнејата во Америка. Против Монако не бевме добри, но сигурен сум дека против Валенсија ќе одиграме сосема поинаков меч“, порача тренерот на Барселона.

