Беќири: Жал ми е за Купот, затоа што трката за шампионската титула не беше рамноправна

По разделбата со Шкендија, досегашниот шеф на стручниот штаб Јетон Беќири испрати емотивна порака до јавноста, во која се осврна на периодот минат во тетовскиот клуб и им се заблагодари на сите што биле дел од неговото патување.

Беќири истакна дека за него било огромна чест да ја предводи Шкендија во еден важен период, притоа изразувајќи благодарност до раководството, сопственикот Лазим Дестани, неговото семејство и компанијата Еколог за укажаната доверба.

Поранешниот стратег на тетовци посебно ги пофали фудбалерите, нагласувајќи дека тие биле најзаслужни за успесите што клубот ги остварил во изминатиот период.

„Играчите покажаа огромна посветеност и карактер. Гордо можам да кажам дека заедно освоивме шампионска титула и имавме одлични настапи во Европа, каде стигнавме до плејофот од Конференциската лига“, порача Беќири.

Сепак, тој не го криеше разочарувањето поради неуспехот во финалето на Купот на Македонија, а се осврна и на шампионската трка во домашното првенство, потенцирајќи дека според него условите не биле рамноправни.

Жал ми е што сезонава не успеавме да го освоиме Купот, а кога станува збор за првенството, сметам дека имаше нерамноправност во трката за титулата и подготвен сум тоа да го аргументирам пред секого“, додаде стратегот.

Шкендија сезоната во ПМФЛ ја заврши на второто место, зад новиот шампион Вардар.

- Оглас -

Најнови вести