Белград ја виде магијата на Нејмар, „фараонот“ го шутна Наполи во ЛЕ

ПСЖ со убедливи 4-1 забележа важна победа против Црвена ѕвезда на гостувањето во Белград. „Светците“ како првопласирани од групата Ц ќе играат во осминафиналето.

Гостите рано го скршија отпорот на „црвено-белите“, комбинацијата на Мбапе и Кавани во 10-тата минута му донесе предност на ПСЖ од 1-0. За вториот гол беа потребни половина час, а ПСЖ повторно од контра ја затресе мрежата на Борјан. Овојпат Нејмар ги покажа своите фудбалски способности.

Гобелјиќ непосредно по стартот на вториот дел намали на 2-1 за надеж на Ѕвезда, но притисокот кој го вршеа домаќините беше кобен за нив. Маркињос во 74-тата зголеми на 3-1, а во листата на стрелците се запиша и Мбапе во финишот на средбата.

На Ливерпул му беше потреба минимална победа против Наполи за пласман во следната фаза, па Мохамед Салах се погрижи да не го разочара „Енфилд“. Голгетерот на „црвените“ во 34-тата минута постигна магичен погодок, па Ливерпул со девет бода, односно подобра гол-разлика, како втора екипа од групата Ц обезбеди осминафинале.

Тотенхем успеа да издвои бод на гостувањето на „Камп ноу“ против Барселона (1-1). „Каталонците“ не издржаа во клучни моменти да ја задржат рано остварената предност, а Лукас Мура во 85-тата минута ги постави конечните 1-1. Барселона и претходно обезбеди учество во следната фаза, додека Тотенхем со подобра гол-разлика од Интер како второпласиран ќе игра во осминафиналето.

Од групата Б, Интер потфрли пред свои навивачи во ремито од 1-1 против ПСВ Ајндховен. „Нераѕурите“ во поголемиот дел од средбата беа во негатива, во 13-тата минута Лозано изненади за гостите. Израмнувањето конечно дојде во 73-тата минута, по долг притисок на Интер, Икарди погоди. ПСВ до самиот финиш успеа да ја сочува мрежата, а воедно да го испрати Интер во Лигата на Европа.

Борусија Дортмунд во последното коло се избори за првата позиција во групата A oткако со 2-0 славеше на гостувањето кај Монако. Со сигурниот триумф, „милионерите“ се израмнија по бројот на бодови со Атлетико Мадрид, но подобрата гол-разлика за нив значи и предност на ждрепката за осминафиналните парови.

- Оглас -

Најнови вести