Бергкамп и Лампард се новите членови на Куќата на славните во ПЛ

Куќата на славните во Премиер лигата денес доби двајца нови членови во Денис Беркамп и Френк Лампард. Холанѓаецот и Англичанецот се приклучија на одбраното друштво составено од Тиери Анри, Алан Ширер и од вчера Ерик Кантона и Рој Кин.

Беркамп и Лампард како легенди на лондонските гиганти Арсенал и Челзи оставија длабога трага во англискиот фудбал, пред сè како трикратни шампиони во Премиер лигата.

Беркамп е втор најефикасен играч на Топчиите во овој формат на натпреварувањето кога е во прашање вкупниот број голови и асистенции. Запиша вкупно 315 настапи за Арсенал со учинок од 87 гола и 94 асистенции и дефинитивно остана запаметен како еден од најдобрите кои играле на англиските терени.

Лампард, пак, во вкупно 609 настапи за Вест хем, Челзи и краток период Манчестер сити, постигна вкупно 177 погодоци и е најефикасен играч за врска во историјата на Премиер лигата, односно петти најдобар стрелец воопшто. Во својата статистика додаде и одлични 102 асистенции, а како имресивен подвиг се смета фактот што Лампард има постигнато барем еден гол против 39 различни екипи во рамките од англиското првенство.

- Оглас -

Најнови вести