Барселона е на чекор до договор со искусниот португалски играч за врска Бернардо Силва. Според шпанските медиуми, каталонскиот клуб е многу блиску до комплетирање на трансферот на фудбалерот на Манчестер сити.
Ангажманот на 31-годишниот Португалец добил зелено светло и од тренерот Ханси Флик, кој го гледа Силва како важно засилување за средниот ред на тимот. Во текот на следната недела се очекува агентот Жорге Мендеш да има средба со челниците на Барселона, со цел да се договорат последните детали околу трансферот.
Бернардо Силва уште во април најави дека ќе го напушти Манчестер сити по крајот на сезоната, ставајќи крај на успешната етапа која траеше од 2017 година.
Во дресот на англискиот шампион, португалскиот репрезентативец одигра 460 натпревари, при што постигна 76 голови и запиша 77 асистенции, оставајќи длабок белег во клубот.
За неговиот потпис интерес покажаа и Јувентус и Атлетико Мадрид, но според најавите, Бернардо Силва е најблиску до преселба на „Камп Ноу“.

