Олимписките игри во Париз донесоа голем број на необични спортски приказни, а секако дека една од главните е поврзана за феноменалниот белгиски велосипедист Ремко Евенепол.
Овој велосипедист донесе два златни медали на Белгија од Игрите во Париз откако беше најдобар на хронометарот и на уличната трка. Со овие две злата, Белгиецот стана првиот маши велосипедист со ваков подвиг во историјата на ЛОИ.
Дека на Игрите во Париз допатува во одлична форма Ремко потврди и со третото место освоено на неодамна завршената најпопуларна велосипедска трка во светот, Тур Д’Франс. Тоа што е интересно за овој велосипедист кој има само 24 години е дека пред да почне професионално да вози, имал друга спортска љубов, а тоа е фудбалот.
Пред само седум години Ремко бил голема надеж на белгискиот фудбал. Дека се работело за играч од кого се очекувално многу покажува и фактот дека бил капитен на пионерската репрезентација на Белгија.
Уште како петгодишно дете започнал да тренира фудбал во Андерлехт, а кога наполнил 11 години се преселил во ПСВ Ајндховен, каде бил соиграч со Коди Гапко. Три години подоцна повторно се враќа во Андерлехт, но фудбалската кариера му била загрозена по повредата на коленото кога имал само 16 години.
Токму затоа решил да се прости од фудбалот и почнал да тренира велосипедизам, спорт со кој се занимавал и неговиот татко. Дека е роден да биде лидер без разлика на спортот, Ремко покажа и со неговиот настап на Игрите во Париз, каде испиша историја.