Беше италијански репрезентативец, трошел и по 20.000 евра на излегување, а сега живее со 10 евра на ден

Пред десетина години, Фабијано Сантакроце беше еден од најголемите таленти во италијанскиот фудбал. Во 2008 година Наполи плати пет и пол милиони евра за да го доведе дефанзивецот на Бреша. Иако очекувањата од Сантакроце беа големи, пред две години тој ја заврши кариерата во нисколигашот Виртуз од Верона.

Една тешка повреда на коленото, немањето мотивација, како и лудите ноќни излегувања и трошењето илјадници евра на алкохол и жени беа главните причини зошто Фабијано не успеа да биде „новиот Неста“.

„Точно е дека многу излегував навечер, но секогаш бев со мојата девојка и старите пријатели. Не беше точно дека одев на журки со кого било. Немав многу пријатели од фудбалерите, еден од оние кои можам да ги издвојам е Марек Хамшик. Во Наполи бев казнет затоа што еднаш задоцнив на тренинг. Тоа беше затоа што имав проблем со сонот, пиев апчиња за спиење и не сум го слушнал алармот. Зборуваа дека се пијанчам и дека се дрогирам, а јас ниту џоинт немам пробано“, вели Сантакроце.

Некогашниот фудбалер вели дека додека бил во најдобрите денови од кариерата, дневно трошел и по 20.000 евра, а сега едвај преживува.

„Имав по 20.000 евра дневно, а сега денот го поминувам со 10 евра на ден. И тоа со две мали ќеркички. Родителите ми помагаат, мојата сопруга работи во модата. Парите никогаш не ми биле премногу важни, тие се само средство“, вели Фабијано, кој сега живее како потстанар.

Додека играше за Наполи, селекторот Марсело Липи го повика Сантакроце да биде дел од репрезентацијата на Италија за два меча од квалификациите за СП 2010 година. Тој стана првиот црномурен фудбалер повикан за италијанската репрезентација, но не доби шанса да дебитира.

„Ако неговото повикување во националниот тим даде една порака во борбата против расизмот, ќе бидам среќен“, рече тогашниот селектор Липи.

За сениорската репрезентација не заигра, но во младинската репрезентација на Италија одигра шест натпревари. Сега Фабијано зад себе има само убави спомени од едно време кога беше дел од италијанскиот елитен фудбал.

- Оглас -

Најнови вести