Англискиот прволигаш Кристал палас ќе игра во финалето на Конференциската лига на УЕФА откако синоќа на свој терен со 2:1 го победи Шахтар Донецк. Ако на тој триумф се додаде и победата од 3:1 од првиот полуфинален дуел, Кристал палас во финалето се пласира со вкупен триумф од 5:2.
Во финалето на третото по ранг натпреварување на УЕФА, Кристал палас ќе игра против Рајо Валјекано на 27 мај на стадионот во Лајпциг во Германија. Со овој пласман во финалето, лондонскиот тим само ја продолжува бајката која ја започнаа пред една година.
Кристал палас е клуб формиран во септември 1905 година и цели 120 години немаше освоено ниту еден голем трофеј. Навивачите чекаа повеќе од еден век, па на крајот постот да заврши на 17 мај 2025 година, кога во финалето на ФА купот, Кристал палас направи изненадување и со 2:1 го победи фаворизираниот Манчестер сити. Трофејот во ФА купот беше прв за лондонскиот тим.
Со освоениот пехар, Кристал палас потоа си обезбеди место за борба на трофејот во Комјунити шилд, каде што играат освојувачот на ФА купот и актуелниот првак. Во август минатата година, Кристал палас играше по вторпат на „Вембли“ за освојување на трофеј против шампионот Ливерпул. По регуларниот дел мечот заврши нерешено 2:2, па победникот требаше да се решава на пенали. Во пенал-рулетот Кристал палас беше подобар со 3:2 и клубот од Лондон се израдува и на трофејот во Комјунити шилд.
Сега, Кристал палас обезбеди место во финалето на Конференциската лига на УЕФА и има шанса да го освои третиот трофеј само во една година, а прв на меѓународна сцена.

