Италијанскиот новинар Лоренцо Бетони, кој важи за еден од најголемите познавачи на состојбите во Серија А, жестоко ја критикуваше одлуката на надлежниот суд да му ги врати одземените бодови на Јувентус.
Како што вели тој, оваа одлука е катастрофална за првенството во Серија А и ќе донесе само проблеми и неизвесност.
– „Најновата пресуда е најлошото можно сценарио за Серија А, со оглед на тоа дека конечниот пласман нема да биде познат на крајот од сезоната. За италијанскиот фудбал ќе беше најдобро казната да биде потврдена или укината, а вака таа само е одложена и сите ќе ја чекаат конечната одлука која најверојатно ќе се случи после завршувањето на првенството.“
На Јувентус му беа одземени 15 бодови поради финансиски малверзации, но сега таа пресуда е укината и судењето е вратено од почетокот. Оваа ситуација многу потсетува на 2006-тата година кога целото првенство беше поништено, а Јувентус беше административно преселен во Серија Б. Дополнително и други клубови добија казни во вид на одземање на бодови.
Јувентус со овие 15 бодови се врати на голема врата во борбата за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.