Без капитенот Ѓорѓиев, толку можевме: Холандија со максимални 3-0 ја победи Македонија

Одбојкарската репрезентација на Македонија го доживеа и вториот пораз на Европското првенство, овојпат од Холандија со максимални 3-0. Нашата репрезентација настапи без капитенот и најдобриот поединец во нашите редови, Никола Ѓорѓиев, кој пред мечот пријавил повреда, односно болки во грбот.

Тоа значеше дека Македонија како тотален аутсајдер влегува во мечот со Холандија, што се покажа и на паркетот. Го загубивме мечот со максимални 3-0, а со тоа згаснаа и шансите за втората позиција на табелата. Сега ни преостанува утре против Чешка да одиграме на највисоко можно ниво и се надеваме со капитенот во составот да дојдеме и до третата позиција во групата која се одржува во Скопје.

Мечот со Холандија започна израмнето, четирипати имавме водство во почетната фаза од првиот сет, последен пат тоа беше за 10-9. Во продолжение Холандија дојде до предност од 1-0 со 25-19 во првиот сет. Со истиот резултат заврши и вториот сет, кој можеше да биде и многу поубедлив во корист на Холандија, која во еден момент имаше предност од 20-10, но на сервис на Александар Љафтов намаливме на 20-17, што не беше доволно да израмниме на 1-1.

Во третиот, воедно и последен сет, Холандија доминираше од почетокот до крајот и го доби со 25-16 за максимална победа од 3-0.

Единствена непознаница во нашата група останува кој ќе го освои третото место, Македонија или Чешка, сѐ друго веќе е познато. Полска е првопласирана, Холандија го освои второто место, додека Црна Гора и Данска го завршија својот настап.

- Оглас -

Најнови вести