Минесота тимбервулфс изедначи на 1-1 во плејоф-серијата против Голден стејт од полуфиналето на Западната конференција во НБА-лигата откако ги надигра Воините со 117-93. Кај Вориорс го немаше Стеф Кари, а без него веднаш се виде немоќ кај тимот од Сан Франциско. По неколку минути игра, Минесота поведе со 18-0.
Кари е повреден и нема да игра една недела, а тоа е проблем кога се играат мечеви на секои два-три дена. И домашните претрпеа страв кога првиот стрелец Ентони Едвардс го повреди глуждот, но, за нивна среќа, не беше ништо сериозно и „мравката“ се врати на терен во второто полувреме.
Џулиус Рендл со 24 поени, 11 асистенции и седум скока беше најдобар кај Тимбервулфс, а Едвардс уфрли 20 поени, зачинети со 9 скока и пет асистенции. Во поразениот тим најефикасен беше резервниот играч Џонатан Куминга со 18 поени. Тренерот Стив Кер многу експериментираше, искористи дури 14 различни играчи во првото полувреме (вакво нешто не беше видено во НБА-плејофот уште од 1998 година), но не успеа да најде вистинска петорка која ќе им се спротивстави на ривалите.