Бјелса има нов ангажман, ќе биде селектор

Аргентинецот Марсело Бјелса ќе биде новиот селектор на репрезентацијата на Уругвај. Тоа денес го потврдија двете страни, а неговиот договор ќе биде со важност до Светското првенство во 2026 година.

„Постигнавме договор, сите разлики се надминати и останува само официјално да се потпише договорот,“, изјави членот на Извршниот одбор на Аргентинската фудбалска асоцијација, Хорхе Касалес.

Последниот ангажман на Бјелса беше во Лидс јунајтед, кој го предводеше од 2018-тата, па сè до минатата година. Шеесет и седумгодишниот аргентинец во својата кариера од клупата ги предводеше Њуелс олд бојс и Велес Сарсфилд во татковината, потоа мексиканските Атлас и Клуб Америка, додека во Европа беше тренер на Еспањол, Атлетик Билбао, Марсеј, Лацио, Лил и Лидс.

Ова за него нема да биде прво искуство како селектор бидејќи од 1998, па сè до 2004 ја предводеше репрезентацијата на Аргентина, а кусо и селекцијата за играчи до 23 години со која стана олимписки првак во 2004 во Атина. Од 2007 до 2011 беше селектор и на Чиле.

- Оглас -

Најнови вести