„Бившите“ му зедоа мерка на Интер, Нестор и Удинезе се спасија во Болоња (видео)

Изненадувањето на 16-тото коло во Серија А му припадна на Сампдорија, која со конечните 2-1 славеше над фаворизираниот Интер. Тимот од Џенова ја прекина победничката серија на Нероаѕурите од осум лигашки триумфи, а за да биде послатка победата, ја донесоа поранешните членови на миланскиот гигант, Антонио Кандрева и Кеита Балде.

Гостите можеа во 12-тата минута да поведат преку Санчес, но Чилеанецот го промаши обидот од белата точка во 12-тата минута. Тоа беше знак дека Сампдорија може да тргне по трите бода, па и домаќините добија пенал во своја корист, а го реализира Кандрева во 23-тата минута.

Точно 15 минути подоцна, Балде зголеми на 2-0, па до крајот на средбата Интер стигна само до почесен погодок преку Де Врај.

https://twitter.com/Fastgoal2/status/1346837221329006592

Се исплати фуриозниот притисок на Удинезе да избегне пораз во Болоња, па во судиското надополнување гостите израмнија на 2-2 преку Арслан. Зебрите многупати ја тестираа одбраната на домаќините, па дури во финишот го најдоа патот до вториот погодок.

Несторовски мечот го почна како резерва, но на теренот се најде по 34-тата минута, во моментот кога Удинезе израмни на 1-1 преку Переира.

Пред паузата Сванберг погоди за 2-1 во корист на Болоња, а потоа Швеѓанецот ја остави екипата на Михајловиќ на цедило откако заработи втор жолт картон непосредно по почетокот на второто полувреме. Со 10 играчи, Болоња не издржа неколку минути да ги освои бодовите.

Рома со сигурни 3-1 славеше на гостувањето кај Кротоне, додека Лацио немаше проблеми со Фиорентина и победи со 2-1. Аталанта убедливо ја доби Парма со 3-0, Верона и Торино ремизираа со 1-1, додека Џенова без Горан Пандев загуби кај Сасуоло со 2-1.

- Оглас -

Најнови вести