20.8 C
Skopje
петок, 10 октомври 2025

Бизарна ситуација: Најслабата репрезентација во светот може намерно да попушта и да прима повеќе голови!?

Репрезентацијата на Сан Марино синоќа претрпе вистински дебакл откако со 10:0 загуби на гостувањето кај Австрија, во меч од квалификациите за пласман на Светско првенство 2026. На овој меч Сан Марино само потврди зошто е најлошата репрезентација во светот (последнарангирана на ФИФА ранг-листата, на 210-то место).

Сан Марино е најслабата селекција и во европските квалификации за пласман на СП. Во шест кола нема освоено ниту еден бод, а има гол-разлика 1:28. И покрај сите овие очајни резултати, Сан Марино уште има шанси да се надева за пласман на Мундијалот кој ќе се игра следната година.

Европа за првпат ќе има 16 места на СП. Директен пласман ќе обезбедат сите 12 победници во групите, а останатите четири селекции ќе бидат победниците на четири мини-турнири што дополнително ќе се играат.

Ќе има четири групи со по четири селекции. Таму ќе бидат 12-те второпласирани од сите групи во квалификациите, како и четири најдоброрангирани од Лигата на нациите. Токму преку тој критериум во Лигата на нациите, Сан Марино има шанси да биде дел од баражот за СП 2026, затоа што тоа беше репрезентацијата која беше прва во Д сегментот од тоа натпреварување.

Сите победници од А, Б и Ц сегментите во Лигата на нациите се меѓу најдобрите две во квалификациските групи, па се отвора шанса за Сан Марино. Во корист на Сан Марино ќе биде и ако селекциите на Шведска и Романија бидат второпласирани во своите групи. Романија е во група со Сан Марино и моментално е на третото место во групата, зад лидерот Австрија и второпласираната Босна и Херцеговина. Со оглед на тоа дека БиХ не е победник во Лигата на нациите, а Романија е победник, во корист на Сан Марино е Романците да бидат втори во групата.

Во оваа група можно е Романија и БиХ да имаат еднаков број бодови, а ако се случи тоа, втор критериум за тоа кој ќе биде подобропласиран е гол-разликата. Романија треба да игра против Сан Марино, па во корист на најслабата репрезентација во светот ќе биде да прими што е можно повеќе голови за Романија да има подобра гол-разлика во однос на БиХ и да заврши на второто место во групата.

- Оглас -

Најнови вести