Бјанконерите преполовени ќе гостуваат кај Наполи и Елмас

Наполи на Елиф Елмас во сабота попладне (18 часот) го пречекува Јувентус во дербито од третото коло на Серија А, за кое на Наполитанците им се зголемија шансите за победа.

Тренерот Алегри нема да смета практично на пола тим по последните информации дека и Федерико Кјеза се приклучи на играчите кои не се достапни за дербито по утврдена повреда кај Италијанецот. Од претходно е познато за бразилските репрезентативци Алекс Сандро и Данило, кои од репрезентативните обврски ќе се вратат дури в сабота, на денот на натпреварот. Тоа важи и за Аргентинците Пауло Дибала и Родриго Бентанкур, односно Колумбиецот Хуан Квадрадо. Споменатите играчи се првотимци на Старата дама, а без нив гигантот од Торино ќе биде значително ослабен.

Тоа воопшто не се добри вести за Јувентус, кој по две кола во новата сезона има освоено само еден бод откако отвори со реми од 2-2 со Удинезе и пораз од 0-1 од Емполи на домашен терен. Наполи е во сосема спротивна ситуација, со максимални шест бода.

 

- Оглас -

Најнови вести