Дамјан Марковски е момчето кое одлучи да реализира 400-километарски предизвик во знак на благодарност кон Св. Василие Острошки и подигнување на свеста за подобрување на медицинската грижа за спортистите во Македонија.
Ова преку социјаните мрежи го објавија од фондацијата „Марко Божиновски“, која е отворена во чест на Марче, некогашниот младински ракометен репрезентативец чиј живот згасна прерано. Неговите родители преку оваа фонадција имаат една цел, да им помогнат на млади луѓе да успеат во спортот, пред сé на тие кои се таленти, а немаат можности да инвестираат во развој на својата кариера. Мисија на Фондацијата е преку спортот на децата, младинците, како и лицата со посебни потреби да им се овозможи поквалитетен живот и поздрава иднина.
„Дамјан Марковски, спортист кој целата своја младост ја има посветено на фудбалските терени, а сега пред него е подвиг за кој ретко кој би се охрабрил да го исполни. Дамјан, кој во моментов зад себе има 32 километри, утринава во 6 часот од центарот на Скопје тргна пеш кон манастирот во Острог, оддалечен околу 400 километри.
Имено, со ова пешачење Дамјан на свој начин изразува благодарност кон Св. Василие Острошки, манастир кој имал значаен придонес во оздравувањето на член на неговото семејство.
Покрај тоа, оваа иницијатива ја користи и за покренување на свеста за интензивирање на медицинската грижа особено кај младите спортисти! Па така, тој ги повика сите да донираат симболичен износ на нашиот линк во био, додека не бидат објавени телефонските броеви за донација, а средствата собрани од оваа инцијатива ќе бидат искористени за набавка на Polar мерачи на срцевиот ритам.
Овие уреди можат да откријат неправилности во срцевиот ритам и да обезбедат рани предупредувања за потенцијални срцеви проблеми. Со редовно следење на срцевото здравје на младите спортисти, веруваме дека можеме да спречиме трагедии како онаа која ги однесе животите на Марко и Андреј.
Ти благодариме за оваа прекрасна инцијатива Дамјан! Нашите мисли се со тебе и ти посакуваме среќа и лесен пат до крајната цел! Знаеме дека ова нема да биде лесно, но не заборавај дека сите членови и поддржувачи на фондацијата се со тебе“, стои на страницата на Фондацијата „Марко Божиновски“.
View this post on Instagram