Цветковиќ од Вардар пред трансфер во руски прволигаш!?

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар е на чекор од освојување на титулата во домашното првенство. По 30 одиграни меча, Црвено-црните се лидери на табелата со 74 бода, дури шест повеќе од Шкендија и уште во следното коло постои опција да има шампионско славење.

Во следното коло Вардар му е домаќин на Силекс и со евентуалан победа, но и кикс на Шкендија во дербито против Струга, лидерот ќе има недостижна предност во пресрет на последните две кола и потоа ќе може да започнат плановите за квалификациите во Лигата на шампионите.

Несомнено е дека Роџерс Мато го одбележа првенството во есенскиот дел, но откако тој направи трансфер во шкотскиот Хартс, улогата на главен играч во тимот на Вардар ја презеде Стефан Цветковиќ. Србинот кој дојде од Железничар Панчево се покажа како клучен играч во задржување на челната позиција на Вардар.

Цветковиќ постигна седум гола во 14 меча за Вардар, а дури три беа клучни во победите од 1:0 на Вардар против Башкими, Силекс и Работнички, а погодуваше и во победите против Арсими (5:1), Работнички (3:0), Шкупи (7:0) и Тиквеш (7:0). Едноставно, кога Цветковиќ дава гол, Вардар сигурно победува.

Сепак, сè поверојатно е дека токму овој играч на крајот од сезоната ќе си замине од Црвено-црниот дрес. Тој зимоска потпиша само шестмесечен договор со Вардар и веќе во јуни е слободен да си замине, што најверојатно ќе се случи.

Најавите се дека Цветковиќ веќе се договорил за трансфер во руското првенство. Се работи за премиерлигашот Пари од Нижни Новгород. Тоа е тим кој моментално е на претпоследното место во рускиот шампионат и до крајот на сезоната грчевито ќе се бори да опстане во елитата.

Доколку Цветковиќ си замине, Вардар ќе загуби играч кој само за неколку месеци поминати во екипата се наметна како лидер на теренот и играч кој знае да одлучи натпревар.

- Оглас -

Најнови вести