Мечот меѓу Босна и Херцеговина и Македонија, кој ќе се игра во Сараево на 29 мај, селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, го најави со интервју за „вјести.ба“. Седлоски зборуваше за работата во националниот тим, но и за тоа до каде е со мисијата да ја освои титулата со Вардар.
„Ѝ честитам на Босна за пласманот на Светското првенство и за феноменалните натпревари од плејофот, пред сè, елиминацијата на четирикратниот светски шампион, Италија. Велам дека е многу можно да изненадите на Мундијалот кој следува затоа што кој и да ја победи Италија, може да победи секого на Светското првенство“, рече Седлоски, кој потоа додаде дека очекува мечот на 29 мај во Сараево, кога гостува Македонија, да биде фудбалски празник.
„Ќе биде спектакл. И треба да биде, бидејќи одите на Светското првенство. Сепак, ние доаѓаме во Сараево за да се покажеме во најдобро светло, да играме што е можно подобро. За да може публиката да ужива во добар натпревар. Ќе играме против силен противник, но исто така верувам дека имаме квалитет и можеме да се натпреваруваме со Босна и Херцеговина“, вели Седлоски, додавајќи дека ова е „пријателски натпревар меѓу пријателски земји“.
„На Светското првенство ќе навиваме за сите наши Балканци. Затоа, искрено се надевам дека моите зборови од разговорот со вас ќе имаат посебна тежина по Светското првенство и дека ќе бидам во право кога станува збор за настапот на Босна и Херцеговина. Ви посакуваме сè најдобро, но не кријам дека сакаме да уживаме во Кошево. Сакаме да ве победиме“, рече Седлоски низ смеа.
Седлоски беше запрашан и за Вардар, тој потенцира дека титулата сè уште не е освоена, но дека неговиот тим е на добар пат да го стори тоа.
„Не би се согласил дека сме на работ да освоиме трофеј. Сè уште имаме многу работа. Но, вистината е дека сме на вистинскиот пат. Се надевам дека ќе бидеме шампиони, но сè уште не е завршено“, вели Седлоски, кој коментираше за она што го очекува како селектор.
„Мојата ера на клупата на Македониај допрва започнува. Всушност, со мечот во Сараево започнуваме нов циклус во којшто фокусот ни е следното Европско првенство. Точно е дека имаме многу работа пред нас. Мора да направиме добра анализа и да се направи детална селекција на фудбалери. Имаме квалитет и треба да се подготвиме за следните предизвици“, вели Седлоски во интервјуто кое целосно може да го прочитате ТУКА.

