Норвешкиот првак Бодо/Глимт изненадувачки славеше со 3:1 против Манчестер сити во меч од седмото коло во Лигата на шампионите. За Бодо/Глимт ова е прва, историска победа во елитното клупско натпреварување на УЕФА, и тоа над англискиот гигант.
Уште во првата четвртина од мечот Бодо/Глимт најави дека е подготвен да изненади. Каспер Хог погоди за 1:0 во 22-рата минута, а само 100-тина секунди подоцна, истиот играч зголеми и на 2:0, што беше резултат по првото полувреме.
Дека Бодо/Глимт не се шегува и е решен да победи, се потврди со погодокот на Хауге во 58-мата минута, кога веќе беше 3:0 за Норвежаните. До крајот на средбата, Сити преку Черки даде само почесен погодок за конечни 3:1.
Интресно е дека Бодо/Глимт е само шестиот клуб во историјата на ЛШ што на еден натпревар, во еден момент водел со 3:0 над Сити. Претходно тоа им успевало само на гиганти како што се: Баерн Минхен, Барселона, Ливерпул, Спортинг Лисабон и Реал Мадрид.

