Болна елиминација на Вардар од ЛШ: Веспрем победи со вкупни 23 гола разлика

Двократниот европски првак Вардар со уште еден висок пораз од Веспрем се прости од Лигата на шампиони за оваа сезона. Вардарци денеска по втор пат беа поразени од посилниот ривал, овојпат на гости со 39:30 и уште во осминафиналето завршува патот на Црвено-црните во елитното натпреварување.

Дуелот во Унгарија беше само формалност, затоа што Веспрем пред осум дена беше убедлив во „Јане Сандански“ и славеше со 41:27. Ако на тие 14 гола предност, се додадат и денешните девет погодоци негатива, Вардар по двата меча е елиминиран со вкупен минус од 23 голови.

Вардар добро се држеше во поголемиот дел од првото полувреме. Беше 6:6, а потоа добро париравме и на еден гол негатива 10:9. Потоа Веспрем со серија од 5:1 стигна до 15:10 и таа предност од пет гола ја задржа и до полувремето (20:15).

Во вториот дел, Веспрем стигна и до двоцифрена позитива 30:20 во 45 минута. Со мини серија од 5:1, Вардар намали на 31:25, но потоа домаќините повторно заиграа подобро и на крајот заслужено стигнаа до уште една висока победа.

Со по пет гола, најефикасни кај Вардар беа Стоилов и Дибиров, а голманот Ристовски имаше осум одбрани.

- Оглас -

Најнови вести