Сан Антонио спарс со 4-1 во победи го елиминира Портланд трејлблејзерс и оди во западното полуфинале, каде што за противник ќе ги има Минесота или Денвер.
Мамузите петтиот меч од серијата со Пионерите го добија со 114-95, а Виктор Вембањама имаше 17 поени, 14 скока и шест блокади. Вембањама има 13 блокади на последните два меча, пред него такво нешто во дресот на Спарс имаат направено само уште легендите Дејвид Робинсон и Тим Данкан. Сега Французинот чека да види дали во следното коло ќе има центарски дуели со сонародникот Руди Гобер или со Никола Јокиќ. Спарс првпат по 2017 година се во второто коло на плејофот.
Меч-топка за пласман во второто коло на плејофот имаше и Бостон, но убедливо загуби дома од Филаделфија со 97-113 и сега резултатот е 3-2 за Селтикс. Џоел Ембид со 33 поени, Тајрис Макси со 25 и Пол Џорџ со 16 поени не дозволија сезоната за 76-ките да заврши синоќа.
Важна победа извојува Њујорк никс, кој поведе со 3-2 против Атланта. Никс, предводени од Џејлен Брансон, кој уфрли 39 поени, го надиграа противникот со сигурни 126-97 и покажаа дека се подобар тим кој изгледа сепак ќе оди понатаму, иако губеше 1-2. Ако се пласира во следната рунда, Њујорк четврта сезона по ред би играл во таа фаза од плејофот.

