Пеп Гвардиола наводно има желба во иднина да седне на селекторската клупа на Англија, откриваат медиумите на Островот. Шпанскиот стратег неодамна го водеше последниот натпревар како менаџер на Манчестер сити, ставајќи крај на десетгодишната ера на „Етихад“.
Во периодот минат во Манчестер, Гвардиола освои дури 20 трофеи, меѓу кои шест титули во Премиер лигата, трофејот во Лигата на шампионите, три ФА Купа, пет Лига купа, три „Комјунити шилд“ титули, како и Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.
Според информации на „Дејли Мејл“, Гвардиола планира да направи пауза од една година, а потоа е поверојатно да преземе репрезентација отколку повторно да работи во клупскиот фудбал. Наводно, токму англиската репрезентација е најпосакуваната опција за него.
„Не верувам дека повторно ќе го гледаме како клупски тренер, иако кај него работите брзо се менуваат. На блиски луѓе им кажал дека би сакал еден ден да ја води Англија“, анализира новинарот Џек Коган.
Минатиот месец италијанските медиуми објавија дека и фудбалската федерација на Италија покажала интерес да го убеди Гвардиола да ги преземе Аѕурите.

