Бразил е новиот првак на Јужна Америка!

По пауза од 12 години, Бразил повторно се радува на титулата на Копа Америка. Во финалето на јужноамериканското континентално првенство, Кариоките со 3:1 го победија Перу и стигнаа до трофејот на легендарната „Маракана“ во Рио де Жанеиро. За Бразил ова е деветта титула на Копа Америка, но останува на третото место на вечната листа, зад Уругвај со 15 трофеи и Аргентина, која има 14 титули.

Бразил беше голем фаворит во финалето, а тоа го покажа и на теренот. Домаќините брзо поведоа со голот на Евертон во 15-тата минута, а надеж за Перу даде Гереро благодарение на пеналот во 44-тата минута. Сепак, само две минути подоцна, Бразил даде втор гол преку Габриел Жезус за водство од 2:1 на полувремето.

Во вториот дел токму Жезус доби црвен картон во 70-тата минута, а и покрај тоа што имаа играч помалку, Бразил даде трет гол, и тоа од пенал преку Ричарлисон во 88-мата минута, што беше најава за големо славење на Бразилците.

Ова беше петти пат Бразил да биде домаќин на Копа Америка и стигна до петтата титула. Третото место го освои Аргентина, која во малото финале со 2:1 го победи Чиле.

Следното издание на Копа Америка е следната година, а домаќини ќе бидат Аргентина и Колумбија.

- Оглас -

Најнови вести