Реал Мадрид конечно по три кола ја оствари првата победа оваа сезона во ЛШ, Кралевите со 3-2 славеа во дербито на колото против Интер. Се чинеше дека шпанскиот првак ќе запише сигурна победа откако водеше со 2-0 по 33 минути игра по головите на Бензема и Рамос, меѓутоа гостите од Милано успеаја да намалат пред паузата преку Лаутаро.
Перишиќ потполно ја врати неизвесноста откако израмни на 2-2 во 68-мата минута, па Интер во периодот подоцна имаше неколку шанси да оствари целосен пресврт. Шансите не се искористија, па Зидан реагираше ставајќи ги во игра бразилските џокери Родриго и Винисиус, кои комбинираа за победничкиот гол во 80-тата минута.
https://twitter.com/noobfcb/status/1323741910318653440
Европскиот првак Баерн Минхен ја нанижа 14-тата победа во ЛШ, откако со убедливи 6-2 славеше на гостувањето кај Салцбург. Црвените бикови изненадија на стартот од средбата преку Бериша, но Баварците го свртеа резултатот во своја полза пред паузата.
Во продолжението погодуваа Боатенг, Сане и по вторпат Левандовски до 88-мата минута, пред финишот во листата стрелци се запиша и Лукас, па така европскиот првак остана максимален по три кола.
Ливерпул немаше милост кон Аталанта и ја потопи со убедливи 5-0 на гостувањето во Бергамо. Прв хет-трик за Црвените запиша расположениот Жота, а победата ја запечатија Салах и Мане.
Манчестер сити лесно го доби Олимпијакос со 3-0, со идентичен резултат славеше Порто против Марсеј, а Ајакс со 2-1 го доби Митјиланд на гости.