Британците ќе се кандидираат за домаќини на СП 2030

Владата во Лондон и се придружи на Лабуристичката партија во поддршка на заедничка кандидатура на Обединетото Кралство и Република Ирска, за домаќини на Светското првенство во фудбал во 2030 година.

Фудбалските асоцијации на Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска, и Република Ирска, размислуваат да испратат официјална понуда за кандидатура.

Премерката Тереза Меј, говорејќи пред членовите на Конзервативната партија во Бирмингем, спомна дека после инспиративниот настап на Англија на Светското првенство во Русија, се работи на испраќање заедничка кандидатура со Ирска.

„Одлуката ќе биде на фудбалските асоцијации. Ако решат да се кандидираат, ќе ја имаат целосната поддршка на оваа Влада“ – рече Меј.

Англија беше кандидат и за СП 2018, но доби само два гласа од 22-та члена на Извршниот комитет на ФИФА. Во 2022, СП ќе се одржи во Катар, и ќе биде прво кое се играло во зима.

Англичаните во далечната 1966 година беа организатори на Мундијалот и ја освоија титулата. Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, смета дека Британците ја имаат потребната инфраструктура, и смета дека не треба да има повеќе од една европска кандидатура, за да не дојде до разводнување на гласовите.

Фаворити за СП во 2030 се Уругвај, Парагвај и Аргентина. Во таа година ќе се одбележи 100-годишнината од првото СП во Уругвај.

- Оглас -

Најнови вести