Бролин минал пекол во Лидс: Пристигнав во камено доба, ме малтретираа, но преживеав

Томас Бролин имал многу проблеми во Лидс и како што вели, тешко го преживеал периодот од една година што го мина во тогашниот член на Премиер лигата, а вели дека само цврстиот карактер му го спасил животот. Бролин од Парма во 1995 година се пресели во Лидс и потпиша петгодишен договор, но издржа на „Еланд Роуд“ само една сезона. Во 1996 година замина на позајмица во Цирих, следната година повторно играше за Парма, а во 1998 година му беше продаден на Кристал палас.

„Ме малтретираа во Лидс со чудно однесување кон мене. Дојдов од Парма и како да влетав во камено доба. Таков беше стилот и на тренинзи и на однесување во Лидс во тој период. Веднаш му се пожалив на менаџерот Хауард Вилкинсон и наместо да ме заштити, и тој почна да се однесува непримерно кон мене. Ми е жал само за тоа што му верував, а токму тој инсистираше да дојдам во Лидс. Минав пеколен период во Лидс и да не бев жилав и психички издржлив, којзнае дали ќе преживеев“, изјави Бролин за „Афтонбладет“.

Бролин имаше многу успешна секвенца во перидот од 1990 до 1995 година во Парма, клуб што му беше прв во интернационалната кариера и со популарните млекари нижеше успеси и трофеи.

Парма со Бролин во тимот го освои купот на Италија во 1992 година, следната сезона и пехарот во Купот на победници на куповите пристигна во Парма, заедно со Суперкупот на Европа, а во 1995 година беше освоена и титулата во Купот на УЕФА.

Во меѓувреме Бролин со Шведска стигна до бронзата во САД на Мундијалот што се одржа во 1994 година.

- Оглас -

Најнови вести