Бундеслигата е мерак за погодоци: Пет меча и сите завршија гол-гол

Ако првенството се познава по првото коло, тогаш во германската бундеслига, може да очекуваме атрактивни мечеви со многу погодоци. Тоа е констатација по досега одиграните дуели во елитната германска лига. Актуелниот првак Баерн Минхен синоќа го понижи Шалке со 8:0, а поплагнево продолжи шоуто со погодоци.

На пет дуели кои се одиграа од 15:30 часот, сите 10 екипи успеаа да ја затресат мрежата на противникот. Со обложувачки речник, петте натпревари завршија гол-гол, што секогаш е атрактивна игра и носи добри коефициенти.

Најмногу погодоци имаше во Штутгарт каде домаќинот загуби од Фрајбург со 2:3. Повратниот во елитната лига одигра слабо прво полувреме, а Фрајбург по 50 минути игра водеше со 3:0. Во последните 20 минути Штутгарт даде два гола, но не се спаси од пораз. Во составот на домаќините беше и македонскиот интернационалец Дарко Чурлинов, кој остана на клупата за резерви.

Во сите пет меча кои се играа денес, домаќините не се прославија и немаше ниедна победа за клубовите кои играа на свој терен. Вкупно беа постигнати 21 гола во пет средби, што е просек од над четири погодоци на дуел. Ако се додадат и осумте гола од синоќешната средба меѓу Баерн и Шалке, просекот е над четири погодоци на меч во првото коло од Бундесигата

Резултати од денешни мечеви: Ајнтрахт – Арменија Билефелд 1:1, Келн – Хофенхајм 2:3, Штутгарт – Фрајбург 2:3, Унион Берлин – Аугзбург 1:3, Вердер – Херта 1:4.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести