Англискиот премиерлигаш Манчестер сити би можел да се соочи со серија заминувања ова лето, а сето тоа е поттикнато од силните гласини дека Пеп Гвардиола по десет години ќе го напушти клубот. Веста дека Гвардиола одлучил да си замине, иако има уште една година од договорот, одекна во понеделник навечер, само еден ден пред Сити со реми против Борнмут математички да ја предаде титулата во Премиер лигата на Арсенал.
Како можен наследник се споменува поранешниот тренер на Челзи, Енцо Мареска, кој во сезоната 2022/23 беше асистент на Гвардиола. Се чини дека „Етихад“ го очекува лето полно со промени, а гласините за заминувања стануваат сè побројни, наведуваат англиските медиуми.
Сити е отворен за продажба на крилниот напаѓач Савињо. За 22-годишниот играч ќе бараат над 50 милиони евра, а најверојатно сценарио е трансфер во друг клуб од Премиер лигата.
Понудата е значително пониска од онаа на Тотенхем, која претходно била одбиена и изнесувала околу 70 милиони евра. Савињо пристигна во Сити од сателитскиот клуб Троа за 25 милиони евра.
Неговата втора сезона беше обележана со повреди и променлива форма, поради што најчесто влегуваше од клупата. Вкупно одигра 35 натпревари во сите натпреварувања, со четири голови и три асистенции.
Своите заминувања веќе ги потврдија клупските легенди Бернардо Силва и Џон Стоунс, кои се простија од клубот по освојувањето на ФА купот против Челзи. Долго време се пишува и за интерес на Реал Мадрид за клучниот играч Родри, а со Кралскиот клуб се поврзува и Јошко Гвардиол.
Се наведува и дека Нико Гонзалес би можел да замине откако бил изоставен од составот на последните три натпревари, и покрај тоа што постигна победнички гол во полуфиналето на ФА купот.

