Чеферин плеска директно в лице: На идиотите во Бугарија не им беше гајле за фудбал

Александер Чеферин остро ги нападна хулиганите во Бугарија кои ги навредуваа играчите на Англија на расна основа на квалификацискиот меч што пред еден месец се играше во Софија.

Дел од навивачите салутираа со познатиот нацистички поздрав, а потоа со мајмунски крици го навредуваа пред сè Тајрон Мингс, но и останатите црномурни репрезентативци на Англија.

„На тие идиоти во Бугарија воопшто и не им беше до фудбал. Па видовте и самите дека го напуштија стадионот 10 минути по инцидентот. Тие беа дојдени да провоцираат, за нив фудбалот е мисловна именка. Ќе им се спротивставиме со остри мерки. На стадионите ќе има место само за тие што го сакаат фудбалот“, изјави Чеферин.

Ги критикуваше и хрватските хулигани, кои ја исцртаа свастиката на теренот во Сплит, на легендарниот „Пољуд“, а и за нив има порака.

„Нема ништо фудбалско во нив. Тие немаат никакво чувство за убавината на фудбалската игра. Исти се како припадниците на Нацистичката партија во 30-тите години на минатиот век. Нема да попуштиме пред такви закани. Сакаме чист фудбал, игра за уживање за вистинските љубители на фудбалот“, додава првиот човек на УЕФА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести