Челзи му покажа на Атлетико како се игра одбрана, Баерн рутински во четвртфиналето

Челзи со 2:0 го победи Атлетико Мадрид и заслужено оди во четвртфиналето од Лигата на шампионите, каде ќе биде и актуелниот првак Баерн Минхен, кој вечерва повторно славеше над Лацио (2:1).

Тренерот Томас Тухел е една од главните причини што Челзи е дел од осумте најдобри екипи. Откако стратегот седна на клупата на Челзи, екипата нема ниеден пораз. Не само што нема пораз, туку Челзи во 13 меча досега прими само два гола. Гранитна е одбраната на лондонскиот тим, а тоа во двата меча го почувствува Атлетико Мадрид.

Ако во изминативе неколку години токму Атлетико важеше за тим кој победува со гранитна одбрана и со контра напади го загрозува противникот, овојпат Челзи во двата меча му даде лекција на тимот на Диего Симеоне. Откако на првиот меч Челзи победи со 1:0, вечерва на „Стемфорд Бриџ“ домаќините славеа со 2:0 за нова радост.

Хаким Зијеш во 34 минута реализираше по одличната контра на Челзи. Тој погодок може да го видите ТУКА. Во продолжение на мечот, Челзи ја контролираше играта, а Атлетико немоќно се обидуваше да погоди. Во 94 минута, Челзи изведе уште еден одличен контра напад, а нововлезениот Емерсон погоди за 2:0.

Место во четвртфиналето има и за актуелниот првак Баерн, кој вечерва во Минхен со 2:1 го победи Лацио. Баварците имаа предност од 4:1 по првиот меч во Рим, па реваншот беше само формалност. Роберт Левандовски во 33 минута погоди за 1:0, а Чупо-Мотинг зголеми на 2:0 во 73 минута. Лацио и на овој меч даде почесен погодок и тоа преку Пароло во 82 минута.

- Оглас -

Најнови вести