Англискиот премиерлигаш Челзи веќе започна со работа околу летниот преоден рок и изгледа е подготвен да активира вистинска трансфер-бомба. Клубот од „Стемфорд бриџ“ започнува преговори за ангажман на Виктор Осимен. Африканскиот напаѓач е силно посакуван, но неговиот трансфер нема да биде лесен од финансиски аспект, пренесуваат британските медиуми.
По потврдата дека Чаби Алонсо ќе ја преземе тренерската функција од 1 јули, раководството на Сините од Лондон го поставило како апсолутен приоритет доведувањето на врвен централен напаѓач. Настапите во офанзивата оваа сезона беа променливи, а иако Жоао Педро постигна повеќе од 20 гола, стручниот штаб преферира Бразилецот да игра зад класичен голгетер.
Според информациите, Челзи веќе воспоставил првични контакти со луѓето блиски до 27-годишниот нигериски репрезентативец. Тој е приоритетна цел на клубот веќе неколку сезони, но претходно трансферот не се реализира поради финансиските ограничувања.
Импресивната сезона на Виктор Осимен во дресот на Галатасарај, каде што има 22 гола и осум асистенции на 33 официјални натпревари, целосно го обнови интересот на лондонскиот клуб. Напаѓачот со големо задоволство би ја прифатил можноста да работи под водство на Чаби Алонсо.
Главната пречка за реализација на трансферот се високите финансиски барања на турскиот шампион, кој својата најголема ѕвезда ја проценил речиси на 100 милиони евра. На „Стемфорд бриџ“ се свесни дека немаат многу време бидејќи Арсенал исто така внимателно ја следи ситуацијата околу африканскиот голгетер.
Доколку овој мултимилионски трансфер се реализира, Сините би добиле навистина моќен напад за следната сезона, составен од играчи како Кол Палмер, Естевао, Жоао Педро и Виктор Осимен.

