Легендарниот хрватски тренер Лино Червар даде анализа на досегашните случувања на Европското првенство. Червар, кој долги години работеше во Македонија, секако дека внимателно ги следел и мечевите на нашата репрезентација, а имаше само пофални зборови за селекторот Кирил Лазаров и за неговата тактика.
„Лазаров добро ја прочитал мојата книга. Со само еден врвен играч каков што е Кузмановски, кој започна кај мене во Металург, и со новата поинаква одбрана за малку ќе ја елиминираше Португалија од ЕП. Португалците потоа ја победија Данска“, вели Червар, додавајќи дека Македонија одиграла проактивна одбрана со 5-1, остапувајќи од стандардната веќе застарена одбрана 6-0.
„Македонците играа проактивно во одбраната, одбрана која никој не ја игра, а јас ја потенцирам во книгата. Така успеаја целосно да ги сопрат браќата Кошта и не им дозволија да се разиграат. Токму затоа Македонија одигра така против Португалија, одиграа одбрана 5-1 од најмодерен проактивен тип“, објаснува Червар.
Хрватскиот стратег вели дека Македонија ќе ја победела Португалија доколку не се случеше малерот во последниот напад на Серафимов да му испадне топката.
„Ако топката двапати не им испаднеше од рака, ќе ја победеа таа Португалија која беше подобра од Данска“, додава Червар.

