Чудна ситуација: Клуб од Нов Зеланд стана шампион на Австралија!

Во саботата наутро се одигра големото финале на австралиската А-лига, во кое учествуваа новозеландскиот Окленд и австралискиот Сиднеј. Тоа беше дуел меѓу третиот и петтиот носител, а до победа од 1:0 стигна Окленд.

Првото полувреме помина без голови, а во 60. минута Окленд поведе со голот на Камерон Хауисон. Тоа беше и единствениот погодок на натпреварот, што значеше дека Окленд ја освои австралиската лига.

Окленд уште минатата година испиша историја кога ја освои лигашката фаза од натпреварувањето. Сепак, статусот на прв носител не го оправдаа, бидејќи беа елиминирани во полуфиналето од Мелбурн Виктори, кој потоа во градското дерби во финалето загуби од Мелбурн Сити.

Со оваа титула, Окленд испиша историја за својата земја, станувајќи првиот клуб од Нов Зеланд што го освоил трофејот во А-лигата. Тоа, сепак, нема да им донесе настап во азиската Лига на шампиони, бидејќи Нов Зеланд се натпреварува во рамки на ОФЦ конфедерацијата.

Но, и тука Окленд влегува во приказната. Нивниот резервен тим се натпреварува во новоформираната ОФЦ Про лига и избори финале во кое ќе игра против Саут Мелбурн. Дури и ако загубат во тој натпревар, Окленд би требало да настапи на Светското клупско првенство на ФИФА во 2029 година како единствен претставник од Океанија. Причината е што Саут Мелбурн припаѓа на АФЦ, односно азиската конфедерација.

Минатата година ОФЦ ја претставуваше Окленд Сити, кој претрпе високи порази од Баерн Минхен (10:0) и Бенфика (6:0), а во последното коло сензационално освои бод против Бока Јуниорс (1:1).

- Оглас -

Најнови вести